„РАИ Спорт“ ќе го пренесува вечерашниот дуел меѓу Јувентус и Торино во Копа Италија без коментар како протест против ТВ-каналите со претплата.
Италијанскиот државен канал не ги доби правата за пренос од Светското првенство, а исто така нема можност да пренесува мечеви од Серија А, кои се поделени меѓу „Медиасет“ и „Скај Италија“.
Во Велика Британија на пример постои закон дека Светското првенство во фудбал и Вимблдон шампионатот мора да биде слободно за гледање, а интересно е што иако сличен закон има и во Италија (за СП, Олимпијадите, Италијанското ГП и Џиро Д’Италија), тоа не се почитува.
„Се извинуваме на нашите гледачи, но неопходно е да се протестира за вашите права, граѓаните кои плаќаат да ги следат најважните спортски натпреварувања бесплатно, кои секогаш имаат одлична гледаност. РАИ првпат во историјата нема да пренесува Светско првенство, а исто така под ризик е Формула 1, а сè поради приватната конкуренција. Сакаме јавен сервис со повеќе спорт и повеќе квалитет. Спортот сега стана привилегија за тие кои можат да си приуштат претплатнички канали. Спортот за сите секаде“, се вели во соопштението на РАИ.
Медиасет на ова одговори со соопштение во кое објасни дека троши 200 милиони евра годишно на спорт и дека СП без Италија не е во јавниот интерес. Тие им порачаа на РАИ да се посветат на спортовите за кои имаат права.