Ракометарите на Металург загубија од Горење 24:29 (14:16) во натпревар од 6.коло во регионалната СЕХА лига. Младиот тим на Александар Јовиќ пред екипата од Велење потклекна во самиот финиш на натпреварот кога во последните 12 минути постигна само еден гол, а прими седум гола.
Серијата на успешни резултати во Лигата на шампионите Металург не успеа да ја пренесе и во СЕХА конкуренцијата, во која вечерва во шестиот натпревар го забележа четвртиот пораз.
Напорните патувања во Украина, а потоа и Русија, го оставија без свежина тимот на Александар Јовиќ, што гостите од Словенија знаеја да го искористат.
Металург, во првиот дел, константно ја бркаше негативата која ја имаше во однос на противникот. Горење имаше 2:4 во седмата, а потоа 4:8 во 15 минута.
Тимот од Автокоманда успеа да израмни на 12:12 во 28 минута, во последната минута од првиот дел резултатот беше 14:14, кога Горење за неполни 40 секунди успеа да постигне два гола и на паузата помеѓу двете полувремиња да замине со предност од два гола.
Металург добро влезе во второто полувреме со серија од четири гола го презеде водството во 36 минута (18:16).
Потоа следуваше еден период во наизменично се постигнуваа голови, а клучен беше периодот од 48 до 52 минута кога Металург имаше предност 23:22 и не успеа да искористи четири напади за да ја зголеми разликата.
Горење го искористи сето тоа и од 48 минута до крајот на мечот со серија 1:7 стигна до триумф 24:29.
Јагањац со шест гола беше најефикасниот играч на Металург, четири гола постигна Димитроиски, стрелец на четири гола беше и Анѓелиќ но со катастрофална реализација (4/12). Горење го предводеше Поточник со пет гола.