Наградниот фонд на Европското првенство во фудбал кое ќе се игра ова лето во 12 градови низ стариот континет ќе изнесува рекордни 371 милиони евра.
Сумата што ќе ја издвои УЕФА е за 70 милиони евра повисока во однос на Европското првенство одржано 2016 година во Франција. Секоја селекција што ќе игра на ЕУРО 2020 ќе добие 9,25 милиони евра.
Низ натпреварите во групите секој тим може да заработи максимално 4,5 милиони евра. Секоја победа во групата вреди 1,5 милиони, а за нерешениот резултат ќе вреди 750.000 евра.
Селекциите што ќе се пласираат во осмина-финалето ќе добијат по два милиони евра, учеството во четврт-финалето ќе биде наградено со 3,25 милиони евра, а пласман во полу-финалето ќе вреди пет милиони евра.
Новиот европски првак ќе доби 10 милиони, а финалистот седум милиони евра. Математиката вели дека новиот европски првак, доколку победи на сите натпревари може да заработи 34 милиони евра.
УЕФА ќе им подели дополнителни бонуси и на репрезентациите што нема да ја минат фазата по групи.
За споредба на последното првенство, Португалија покрај освоената титула заработи и 25,5 милиони евра, додека Франција како второпласирана доби 23,5 милиони евра.
Репрезентациите што играа во полу-финалето Германија и Велс добија 18,5 односно 18 милиони евра.
Сепак од ЕУРО 2016 најмногу пари заработила УЕФА. Од сите извори во касата на УЕФА се слеале 830 милиони евра.