„Дерби дела Мадонина“ вечерва му припадна на Интер. „Нероазурите“ со 4-2 го победија градскиот ривал Милан и со тоа се искачија на врвот на табелата во Серија А. По 23 одиграни кола, Интер и Јувентус го делат првото место во Калчото, додека Лацио има бод помалку.
Што се однесува до дерби дуелот, комплетно различни две полувремиња беа прикажани на „Џузепе Меаца“.
Првите 45 минути немаше ниту трага од оној Интер кој се надева на Скудето. Милан комплетно доминираше, па
„Росонерите“ можат да жалат што на полувреме заминаа со само 2-0. Стрелци на погодоците за Милан беа Ребиќ во 40 минута (по асистенција на Ибрахимовиќ), додека Швеѓанецот погоди со глава за 2-0 во 45 минута. Претходно за одбележување е ударот во стативата на Чалханоглу при 0-0.
Во второто полувреме комплетно се сменија работите на теренот. Интер за 3 минути, во 51 и 54 минута даде два гола и го израмни резултатот. Најпрво стрелаше Брозовиќ, а веднаш потоа, по асистенцијана Санчез погоди и Весино.
Се чини играчите во „црно-црвени“ дресови се уште не беа свесни како ја прокоцкаа предноста, кога Де Врај со глава носи пресврт за 3-2.
До крајот Милан со неколку полушанси се закануваше, но безуспешно, а кај Интер најпрво од слободен удар нововлезениот Ериксен погоди во делот од рамката на голот на Донарума, каде што се спојуваат пречката и стативата.
Точка на мечот стави Лукаку со голот постигнат во 90 минута.