Ракометарите на Вардар, поточно оние што се уште се во клубот, в сабота ќе го пречекаат Мотор Запорожје во рамките на 12 коло, во Б-групата во Лигата на шампионите. Победа му е потребна на Вардар за да го завери местото во осмина-финалето, меѓутоа со оглед на сѐ она што се случува во клубот, натпреварот, без оглед на важноста е во втор план.
Финансиската криза која долго време го притиска Вардар полека кулминира. Вчера клубот го напуштија Даинис Криштопанс и Павел Атман. Летонецот до крајот на сезоната ќе игра во Фуксе Берлин, а Русинот се врати во татковината каде потпишал договор со Спартак Москва до 2021 година.
„Се наоѓаме во тешка ситуација, не очекува тежок натпревар. Не знаеме што ќе се случува понатаму. Ова може да биде еден од последните натпревари. Не може никој да ги обвини играчите што заминаа. Ние сме европски шампиони, а односот кон нас е смешен, никој ништо не ни кажува“, изјави на прес конференцијата пред натпреварот со Мотор капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов потенцирајќи дека тој ќе остане во клубот.
Во пресрет на натпреварот со Украинците ракометарите на Вардар се наоѓаат на шестото место во Б-групата со девет бода, зад нив се Мешков Брест со шест и Мотор со четири бода.
По натпреварот со Мотор, до крајот на фазата по групи Вардар ќе гостува во Порто и ќе го пречека Монпелје.