Анте Ребиќ го постигна својот петти гол во Серија А во 2020 година, за на Милан да им донесе важна 1:0 победа над Торино со која „росонерите“ се искачија на осмото место на табелата и ја прекинаа низата од два меча без победа во Серија А (1:1 со Верона и 4:2 пораз од Интер).
Милан доминираше во играта во првото полувреме, откако Златан Ибрахимовиќ се закани уште во третата минута, но Салваторе Сиригу имаше одлична интервенција. Ребиќ го отвори резултатот во 25. минута од мечот, откако Кастилехо успеа да го пронајде и тој од 12-тина метри немаше проблем да го постигне својот вкупно шести гол во 2020 (пет во Серија А и еден во Копа Италија).
Милан мораше да направи принудна замена во 44. минута, кога од игра излезе ветеранот Симон Кјер со очигледна повреда, а и покрај иницијативата до крајот на мечот не успеаја уште еднаш да ја затресат гостинската мрежа.
За Торино, сега под водство на новиот тренер Морено Лонго, ова е петти пораз во низа во Серија А и „биковите“ остануваат на 14. место со 27 поени.
Goal ante rebic pic.twitter.com/IO9iObvd0b
— ACMGIF (@ACMGIF) February 17, 2020