Top Sport

Јунајтед го исфрустрира Челси и однесе три поени од „Стемфорд бриџ“ (видео)

Манчестер јунајтед стигна до многу важна 2:0 победа на гостувањето кај Челси, за да се доближи на само четири поени од четвртото место на „сините“ во интересната борба за топ 4 (или топ 5) пласман во Премиер лигата. Ова исто така е и трета победа во меѓусебните дуели со Челси на „ѓаволите“ оваа сезона – по 4:0 триумфот на стартот на сезоната и 2:1 победата на гости во ФА купот.

Челси сигурно останаа исфрустрирани со ВАР системот, кој прво не му додели црвен картон на капитенот на Јунајтед, Хери Мегвајр за намерен фаул, а потоа во второто полувреме им поништи гол поради фаул.

И покрај подобрата игра во првото полувреме, Јунајтед замина на одмор со предност, откако Арон Ван-Бисака упати фантастично нафрлање, а Антони Марсијал ја прекина гол-сушата за предност на „ѓаволите“.

Челси во 55. минута сметаа дека го имаат израмнувачкиот гол, откако Курт Зума искористи еден „отпадок“ да го совлада Давид де Хеа, но ВАР одлучи дека Цезар Азпиликуета го фаулирал Вилијамс пред нафрлувањето. Јунајтед ја осигура победата во 66. минута, кога новото засилување Бруно Фернандеш упати прекрасен удар од корнер, а Мегвајр беше највисок во скокот и го совлада Вили Кабалјеро, кој повторно беше на местото на најскапиот голман на светот, Кепа Аризабалага. Ова е прв гол во Премиер лигата за новиот капитен на „ѓаволите“.

Сега, ситуацијата на табелата во Англија (барем за позициите од четвртото место надолу) е многу интересна. Челси остануваат четврти (41), Тотенхем се петти (40) пред  Шефилд јунајтед (39) и Манчестер јунајтед (38), а блиску се и Вулверхемптон и Евертон (по 36 поени).

Како Хери Мегвајр не доби црвен за ова? (видео)

Scroll to Top