Според британскиот „Дејли телеграф“, првите луѓе на Челси почнуваат да имаат „сериозни сомнежи“ околу квалитетот на менаџирањето на Френк Лампард по поразот во понеделникот (0:2) од Манчестер јунајтед и постојаниот конфликт со најскапиот голман на светот, Кепа Аризабалага.
„Сините“ имаат само две победи во Премиер лигата од Божиќ и нивниот досега убедлив престој на четвртото место на табелата е под притисок од Тотенхем, Шефилд јунајтед и Манчестер јунајтед. Се верува дека клучни се следните два домашни натпревари на „сините“, против Тотенхем и Баерн Минхен, кои ќе одлучат дали Лампард ќе остане на клупата.
Покрај резултатската криза, првите луѓе на Челси се загрижени од одлуката на Лампард да не го врати Кепа во стартните 11 за дербито со Јунајтед, откако тој беше оставен на клупа по слабата форма во претходните мечеви.
Лампард доби голем број на пофалби откако користејќи ја забраната за трансфери на ФИФА минатото лето да даде шанса на младите фудбалери од нивната школа, како Теми Абрахам и Мејсон Маунт, но сегашните резултати носат сомнеж во оваа тактика, и неуспехот да се квалификуваат за ЛШ ќе биде сметан како „клучен“.