Борусија Дортмунд има предност од 2:1 против Пари Сен-Жермен по домашниот спектакл на „Вестфален“ благодарение на двата гола на „вундеркиндот“ Ерлинг Халанд, во првиот меч од осминафиналето на Лигата на шампионите.

Од друга страна, враќањето на Ливерпул на „Ванда метрополитано“ каде што лани ја освоија титулата од Лигата на шампионите, не помина најдобро, откако Атлетико Мадрид дојде до рана 1:0 предност, за потоа да ја „задуши“ играта на “црвените“.

Во Дортмунд, во фантастична атмосфера која ја направија 80-те илјади фанови на „милионерите“, Борусија успеа да го заддржи ПСЖ без удар на гол во првото полувреме, за во второто, неверојатниот Норвежанец Ерлинг Халанд во 69-тата минута да го постигне својот 10-ти гол во само 7 настапи за германскиот клуб потврдувајќи ја култната ролја која ја доби во Германија.

Славјето на БВБ не траеше долго бидејќи во 75. минута, Килијан Мбапе имаше совршено додавање кон Нејмар, кој израмни на 1:1. Сепак, уште еднаш да се потврди херојството на Халанд,  само две минути подоцна, тој доби топка од Рејна на работ на шестнаесетникот и со одличен удар во левиот горен агол не му даде шанса на Кејлор Навас.

Во Мадрид пак, имаше меч по „мерка“ на Диего Симеоне и неговата тактика. „Јорганџиите“ дојдоа до предност уште во четвртата минута кога Саул доби „отпадок“ по нафрлувањето на Коке, за од шест метри да го „матира“ Алисон. Алваро Мората во 25. минута имаше шанса да постигне уште еден гол, по лошата интервенција на Ван Дајк, но неговиот одличен удар беше одбранет од Алисон.

Ливерпул имаше целосна контрола на топката, со над 70 отсто посед, меѓутоа не успеваше да направи некоја посериозна шанса пред голот на Јан Облак, а од друга страна Мората можеше да биде херој во 78. минута, но не успеа убаво да ја зафати топката.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 1/8 ФИНАЛЕ, 1.МЕЧ

Атлетико Мадрид – Ливерпул 1:0

Борусија Дортмунд – Пари Сен-Жермен 2:1