Светскиот број 1, Новак Ѓоковиќ го продолжи својот победнички старт на 2020, победувајќи во 14-тиот меч оваа година, откако со 6:1/6:2 за точно еден час го совлада Тунижанецот Малек Џазири во првиот меч на Дубаи шампионатот, каде што ја брка својата петта титула.
Србинот немаше воопшто проблеми против Џазири за да обезбеди дуел со германскиот ветеран Филип Колшрајбер за место во четврт-финалето, и неговите 14 победи се трет најдобар старт на сезоната, откако во 2011 година имаше неверојатни 41 победи на стартот на годината.
„Зошто сум толку успешен оваа година? Можеби бидејќи работам најмногу. Се шегувам, сите работат и тренираат напорно, за мене лично најважно е да работам умно. Да сфатам која рутина ми одговара и да бидам во најдобра форма во клучните моменти. Во овој дел од кариерата, гренд слем турнирите се најважни, но кога играм, играм за победа“, вели Ѓоковиќ.