Ффиналето на Светскиот куп во алпско скијање во Кортина Д’Ампецо е откажано поради корона вирусот, потврди Италијанската федерација на зимски спортови (ФИСИ), оставајќи само уште еден викенд за одредување на женската титула и два викенди за мажите.
„Со голема жал ја носиме оваа одлука. Но, сите членови на Советот на ФИС решија дека е помудро да се откаже финалето“, изјави претседателот на ФИСИ, Флавио Рода, откако сите освен Италија гласаа за откажувањето на финалето од 18 до 22 март.
Со оваа одлука се намалуваат шансите на Микаела Шифрин и по четврти пат да ја освои титулата во генерален пласман, откако Американката го загуби водството по паузата од месец дена по смртта на нејзиниот татко.
Шифрин во четвртокот потврди дека се враќа на Светскиот куп, но сега има само еден викенд трки во шведскиот Оре за да ја надополни разликата од 153 поени која ја има италијанската лидерка Федерика Брињоне. Во Оре ќе се скија паралелен слалом, велеслалом и слалом, дисциплини во кои Шифрин ќе биде фаворитка.
За мажите пак, остануваат само два викенди за скијање, а Французинот Алексис Пинтуро има 26 поени предност пред Норвежанецот Александер Омод Килде и 107 поени пред уште еден Норвежанец Хенрик Кристоферсен. Машката титула ќе се одлучи со брзинските трки во Квитфјел, Норвешка овој викенд и техничките трки во Крањска Гора, Словенија следниот викенд.