НБА лигата го казни сопственикот на Далас маверикс, Марк Кјубан со фантастични 500.000 долари поради неговите критики кон судиите по поразот на Мавс од Атланта хокс на 22 февруари.
Покрај ова, лигата потврди дека комесарот Адам Силвер го одбил протестот на тимот, кој тврдеше дека поенот во финишот на мечот на Џон Колинс не требаше да важи, а Хокс стигнаа до 111:107 победа.
„Веднаш по крајот на мечот, господинот Кјубан дојде на теренот до судиите со коментари кон нив. Ова е вторпат тој да влегува на теренот во тек на натпревар. По мечот, тој зборуваше со новинарите и даваше коментари кои беа критични, лични и понижувачки за лигата и за судиите. Следниот ден Далас поднесоа протест. По истрагата, комесарот Силвер одлучи дека нема прекршување на правилата“, се вели во соопштението на НБА.
Кјубан, кој е сопственик на Маверикс веќе 20 години, досега има собрано над 3 милиони долари во казни. Тој по мечот беше најкритичен за поенот на Колинс, кој постигна поени по офанзивен скок откако обидот на Треј Јанг беше блокиран од Делон Рајт на 8.4 секунди пред крајот. Рајт беше предупреден за вадење топка од кошот, но оваа одлука беше преименувана по видео-снимката. Меѓутоа, поените на Колинс беа признати бидејќи тој шутираше во ист момент кога судијата го искористи свирчето.