Top Sport

Не е само Индијан Велс нема да се игра ниту во Мајами, Монте Карло и Рим

Организаторите на мастерсот во Индијан Велс во понеделникот објавија дека поради коронавирусот турнирот нема да се игра во предвидениот термин. Поттикнати од оваа вест од „Марка“ тврдат дека поради опасниот вирус ќе бидат откажани и мастерс турнирите во Мајами, Монте Карло и Рим.

Еден од највлијателните европски спортски медиуми пишува дека во Индијан Велс бил одржан состанок помеѓу организаторите и тенисерите на кој се разговарало за одржувањето на наредните мастерс турнири.

Во Мајами веќе е откажан фестивалот „Ултра Мјузик“ (25 март) што значи дека ќе биде откажан и мастерсот кој според календарот се игра од 23 март до 5 април.

Наредните мастерс турнири се во Монте Карло, Мадрид и Рим, а на програмата е и турнирот во Барселона.

Голема е веројатноста да бидат одложени турнирите во Монте Карло и во Рим бидејќи се наоѓаат во подрачјата каде што е распространет коронавирусот.

Од друга страна организаторите на турнирот во Барслеона барем засега немаат намера да го откажат истиот. Истото важи и за мастерсот во Мадрид. Овие турнири би биле одложени само во случај состојбата со коронавирусот драматично да се влоши.

„Марка“ пишува и дека под знак прашалник било одржувањето на сите турнири во Кина што значи дека в термините кои се резервирани за турнирите во Пекинг и Шангај би можеле да се играат Индијан Велс и Мајами.

Барем засега нема најави за одложување на вториот грен-слем во сезоната Ролан Гарос.

Scroll to Top