Диего „Чоло“ Симеоне вели дека не планира никакви изненадувања во тактичкиот приод на Атлетико Мадрид при гостувањето кај Ливерпул во реваншот од осминафиналето на Лигата на шампионите.
Атлетико го доби мечот на „Ванда метрополитано“ со 1:0 со голот на Саул Нигуез, а откако лани пропуштија 2:0 предност против Јувентус во истата фаза на натпреварувањето, Симеоне вели дека ќе направат сѐ да избегнат реприза, но без изненадувања, бидејќи истиот стил на дефанзивна игра донесе финалиња во 2014 и 2016 година.
„Дали можеме да направиме варијација? Ливерпул ќе знаат јасно како ќе играме ние. Тие знаат каква тактика ќе користиме бидејќи сме во Лигата на шампионите веќе осум години. Ако стартуваме добро, ќе треба да го изддржиме темпото. Сите знаете што ќе правам, не мислам дека ќе има никакви изненадувања со стартните 11. Мечот ќе бара да сме во најдобра можна форма и да се адаптираме на тактиката. Мислам дека можеме да ги повредиме. Секако, постои и план Б, но ако ви го кажам, нема да биде План Б, нели?“, вели Симеоне.