Top Sport

Иличиќ даде четири гола на празната „Месталја“, Ред бул „летна“ над Тотенхем (видео)

Сите „приговори“ околу тоа дали Аталанта заслужува да игра во Лигата на шампионите уште еднаш паднаа во вода, откако клубот од Бергамо и на гости со 4:3 на празната „Месталја“ ја совлада Валенсија благодарение на неверојатните четири гола на Јосип Иличиќ за со вкупен резултат 8:4 да се пласира во историското четврт-финале.

Тотенхем пак, по минатогодишното финале, испадна сосема рутински, со 3:0 пораз кај РБ Лајпциг по домашните 0:1, оставајќи го Жозе Мурињо да се бори само за пласман кој следната сезона води во Лигата на шампионите.

Аталанта со една нога веќе беше во четврт-финалето откако дома со 4:1 ги победи „лилјаците“, а убавината на фудбалот беше одземена со одлуката да се игра пред празни трибини на „Месталја“.

Ова не пречеше, Аталанта уште во третата минута да дојде во водство со гол од пенал на Иличиќ, но домашните бргу вратија преку Кевин Гамеиро во 22. минута. Иличиќ вторпат од пенал во 43. минута го врати водството на гостите.

Валенсија најави интересно второ полувреме со головите на Гамеиро и Феран Торес, но Словенецот Иличиќ повторно ја крена Аталанта со голови во 71. и 82. минута за уште една славна страница во историјата на клубот од Бергамо.

На „Ред бул арената“, многу работи беа јасни во првото полувреме, откако Марсел Забицер во 10. и 21. минута ја казни лошата игра на Тотенхем во одбраната и слабите реакции на Иго Љорис за 2:0 водство. Емил Форсберг во финишот на мечот стави точка на мечот и пласман во четврт-финале на тимот на Јулијан Нагелсман.

Scroll to Top