Во двете децении на врвот на тенисот, Роџер Федерер покрај тоа што стана спортска икона доби репутација на човек со одличен стил на облекување кој спонзорира голем број на луксузни брендови како „Ролекс“ и „Моет“. Но, тој признава дека заслугата за тоа оди кај неговата сопруга Мирка.
„Кога ја почнавме врската таа сфати дека јас имам два пара фармерки, неколку маички и опрема за тренинзи. Можеби уште еден џемпер и еден каиш. Таа ме праша: ’Зарем не мислиш дека треба да ја обновиш гардеробата? Како можеш да носиш еден костум на сите церемонии?’. Потоа, почнав и самиот да се грижам повеќе. Патував повеќе и кога ќе пристигнев во Милано или во Њујорк, забележуваш дека сите се трудат околу својата облека. Па, потоа ќе се обидеш малку повеќе“, вели Федерер во интервју за магазинот „Џи Кју“.
Швајцарецот исто така имаше коментар за стилот на тениските терени.
„Во 1950-тите, 1960-тите и 1970-тите тенисот беше повеќе поврзан со уличниот стил. Во 80-тите уште беше така, но како што почна тенисот да станува поагресивен и патиките станаа поинакви. Веќе не беа обични патики и мислам дека малку ја загубивме основата. Сега, кога работам со мојот бренд секогаш им велам на дизајнерите: ’Не заборавајте да ја заборавите улицата’“, објаснува Федерер.