Додека цел фокус на јавноста е свртен кон пандемијата на корона вирусот, УЕФА реши да ги казни Баерн Минхен и Ајнтрахт Франкфурт за поставување на навредливи транспаренти.
Баерн ќе мораат да платат 20.000 евра за „провокативна порака“ на навивачите при мечот од Лигата на шампионите на гости кај Челси во февруари, откако навивачите на Баварците се жалеа на превисоките цени на билетите за гостувањето. Баерн доби и дополнителна казна од 20.000 евра поради проблемите на „Стемфорд бриџ“, каде што стигна до 3:0 победа. Реваншот не е одигран.
Навивачите на Франкфурт пак, имаа навредливи транспаренти кон УЕФА и кон противникот Ред бул Салцбург на меч од Лига Европа во февруари. Тие добија казна од 15.000 евра за транспарантите, 10.000 евра за навредување на УЕФА, за вкупна казна од 57.000 евра поради дополнителни прекршувања за оддржувањето на стадионот.
Манчестер сити, клубот кој УЕФА го суспендираше две години од своите натпреварувања, пак, е казнет со 3.000 евра за прекршување на правилата на дресовите, односно поради тоа што на тренерките за загревање пред мечот со Реал Мадрид (каде што победија со 2:1) имало преголемо лого на спонзорот.