Претседателот на Бреша, контроверзниот Масимо Челино повторно го критикуваше првиот човек на Лацио, Клаудио Лотито за кампањата што е можно побргу да се продолжи Серија А, и уште еднаш повтори дека нема да го пушти неговиот тим да игра оваа сезона.
Италијанската влада ги продолжи стриктните мерки за ограничување на движење до 3 мај, по што од Италија се тврдеше дека некои клубови веќе би почнале со тренинзи на крајот на април, за сезоната да се комплетира до јули. Ломбардија, покраината каде што се наоѓа Бреша е најпогодена од корона вирусот и Челино уште еднаш вети дека неговиот клуб нема да биде подготвен за продолжување на сезоната.
„Многу луѓе се премногу себични и сакаат да ја искористат ситуацијата. Лотито сака да се врати на терен? Ги слушам само тие кои заслужуваат да бидат слушнати. Не знам дали Лотито воопшто го претставува Лацио, бидејќи тој е само претседател на бордот директори во Лацио. Сериозно, нека дојдат да прошетаат во Бреша за да видат што се случува тука. Не сакам предност и не се плашам од испаѓање од лигата ,бидејќи знам дека клубот нема да банкротира и ќе го заслужиме местото назад. Ќе повторам, Бреша нема да игра. Ова не е провокација, нека ни кратат поени, јас ќе ја преземам одговорноста“, вели Челино.
Бреша се убедливо на последното место во повратничката сезона во Серија А со само четири победи во 26 меча.