Австрија, една од првите европски земји кои почна со „попуштањето“ на рестрикциите поради пандемијата на корона вирусот, објави дека ќе дозволи враќање на одредени спортови „прикладни“ за социјално дистанцирање, како тенисот и голфот, веќе од 1 мај.
Австријците бргу реагираа со затварањето на рестораните, театрите, школите и другите продавници во последните четири недели, но за разлика од другите европски земји, луѓето смееја да тренираат надвор. Во Франција на пример, за секое излегување треба да се има дозвола, додека Британците имаат ограничување на едно излегување од дома дневно.
„Секако, индивидуалните спортови во кои нема непосреден контакт ќе имаат приоритет пред тимските спортови“, вели вице-канцеларот и министер за спорт, Вернер Коглер.
По 1 мај, на јавноста нема да им е забрането да присуствуваат на атлетските патеки, тениските терени, коњичките центри и стрелиштата. Во Виена пак, Шенбрун, поранешната империјална палата и парковите се отворија во вторникот. Австрија имаше 393 починати од корона вирусот и над 14.000 потврдени случаи.