Градоначалникот на Мадрид, Хозе Луис Мартинез-Алмеида ја критикуваше одлуката со која им се дозволи на навивачите на Атлетико Мадрид да патуваат во Ливерпул, Англија на реванш мечот од Лигата на шампиони, на 11 март.
На мечот на „Енфилд“ по кој по продолженија Атлетико го елиминираше Ливерпул присуствувале 3.000 навивачи на „јорганџиите“, па според многумина тоа е една од причините да се рашири коронавирусот во Шпанија.
Во тој период, токму поради коронавирусот, повеќето мечеви се играа пред празни трибини.
„Тоа беше грешка. Навивачите на Атлетико не смееше да отпатуваат во Ливерпул. Фудбал без присуство на навивачи е можен и тоа е единственото фер решение натпреварувањето да се заврши. Пролетва, летото, а веројатно и наесен во Шпанија нема да има случувања со многу публика. Очигледно, ситуацијата нема да биде во потполност под контрола. Ќе мора да ги промениме своите навики и однесување“ – рече мадридскиот градоначалник.
Шпанската Ла лига е прекината на 12. март, а во тој момент лидер беше Барселона со 58 бода, два повеќе од Реал Мадрид.