Францускиот левичарски политичар, Даниел Кон-Бендит, долгогодишен член на Европскиот парламент, вели дека светот на фудбалот е целосно променет поради епидемијата на корона вирусот и дека фудбалери како Килијан Мбапе ќе вредат само дел од сумите кои претходно се плаќаа за нив.
Мбапе е еден од фудбалерите за кои се шпекулира дека може да направи трансфер во текот на летото во Реал Мадрид, трансфер кој според многумина би вредел и до 300 милиони евра, но Кон-Бендит не се согласува и вели дека и во минатото се работело за неразумни суми.
„Оваа криза ќе ја збрише нерационалноста на професионалниот спорт. Како по атомски напад, ќе мора да се гради од почеток, на поинакви темели. Утре, Мбапе ќе чини 35-40 милиони евра, а не 200 милиони евра. И кој ќе може да го купи? Ќе се случи дефакто ограничување на буџетот на тимовите. Ќе има реогранизација и на платите, и на сите дополнителни исплати. Ќе го скршат системот на менаџери, на бизнисмени. Но, на крајот тоа ќе донесе малку повеќе трезвеност во светот и тоа ќе биде добар почеток. Фудбалерите нема да играат полошо ако ги плаќате помалку“, вели Кон-Бендит.