Претседателот на шпанската Ла лига, Хавиер Тебас вели дека доколку сезоната 2019/20 не успее да се комплетира поради пандемијата со корона вирусот, сепак, ќе има испаѓање и влегување во лигата.
Во Шпанија има сѐ поголеми стравувања дека сезоната нема да може да се комплетира поради големиот број на заразени од корона вирусот, но Тебас инсистира дека планот е сезоната да продолжи и да се комплетира, за разлика од Холандија, каде што денеска објавија дека сезоната е стопирана и дека нема да има прогласен шампион.
„Ако сегашната сезона во Ла лига не биде комплетирана нема да има зголемување на првата лига и ќе има испаѓање од лигата. Но, сигурен сум дека нема да дојдеме до тој степен“, вели Тебас.
Според сегашната состојба на табелата, Еспањол, Леганес и Реал Мајорка ќе испаднат во втората лига, додека Кадиз и Реал Сарагоса се на првите две места во Сегунда, а Алмерија, Уеска, Џирона и Елче се на позициите кои носат плејоф.