Шесткратниот светски шампион Луис Хамилтон вели дека нема шанси да се натпреварува во виртуелните симулации со кои дел од Ф1 возачите се „забавуваа“ додека нема трка, бидејќи во тоа нема никаква корист.
Макс Ферстапен, Шарл Леклер, Лендо Норис, Алекс Албон и Џорџ Расел последните недели ги покажаа своите таленти во симулациони трки, а дури и Себастијан Фетел во април набави опрема за симулација и неодамна се приклучи на трките. Хамилтон и покрај тоа што е фан на „Гран туризмо“ вели дека нема да се приклучи.
„Никогаш не возам симулатори, односно многу, многу ретко. Со симулаторите е многу тешко да се процени бидејќи движењата никогаш не се совршени, иако се обидуваат да го поправат тоа. Секако, дома, седиштето на симулаторот не ти се движи и умот не ти функционира совршено. Кога си во вистинско возило, ситуацијата е целосно поинаква. Затоа не гледам некоја корист во симулациите, иако е интересно да се игра со другарите“, вели Хамилтон.