Американската фудбалска ѕвезда Карли Лојд, која во кариерата освои две светски првенства со репрезентацијата на САД, вели дека е вистинско задоволство да се работи со македонскиот тренер Влатко Андоновски, кој минатата година ја замени Џил Елис на кормилото на најуспешната женска фудбалска репрезентација.
37-годишната Лонд вели дека откако добиваше малку шанси под претходниот селектор, сега под Андоновски го вратила задоволството во играњето фудбал.
„Влатко бара од сите одговорност, без разлика на тоа кој сте или колку години имате. Ако играте добро и тренирате добро, ќе играте. Тоа ми се допаѓа. Тој има уникатна динамичка филозофија за тимско играње и ги препозна нашите силни и слаби страни. Вели дека нема два исти натпревари и дека мораме да се адаптираме. Првпат откако сум во репрезентацијата имаме тренер кој е заинтересиран да не направи подобри индивидуални. Навистина е многу, многу различно од минатото“, вели Лојд во интервју за порталот „Гол“.
Под македонскиот тренер, САД ги помина олимписките квалификации на почетокот на годината без да прими гол во пет натпревари, а потоа во март примија само еден гол во победите над Англија, Шпанија и Јапонија за да го освојат „Ши биливс купот“ во март.
„Влатко го интегрираше својот стил на игра полека. На олимписките квалификации бевме подобри со секој нареден натпревар, а потоа игравме со Англија, Шпанија и Јапонија, три тима со сосема различна игра и веднаш се адаптиравме“, додава Лојд.