Според повеќе извори од Италија и Шпанија, Карлос Саинс Јуниор ќе биде потврден како колега на Шарл Леклер од 2021 година веќе во следните 48 часа, со што би се ставило крај на лудите шпекулации откако Себастијан Фетел и Ферари потврдија дека нивната соработка ќе заврши по пет години на крајот на сезоната 2020.
По ова се „поврзаа“ многу имиња со атрактивното слободно место – Луис Хамилтон, Даниел Рикардо, Фернандо Алонсо, Антонио Џовинаци, меѓутоа според „Моторспорт“ од Италија, Саинс е веќе договорен.
Според нивните информации синот на рели-легендата со исто име, треба да ги одреди само „последните детали“ од договорот, додека втор најголем кандидат е Рикардо.
25-годишниот Саинс, кој одбиваше да потпише нов двегодишен договор со Мекларен, веќе има над 100 настапи во Формула 1, и во 2019 имаше најдобра сезона откако заврши на седмото место зад шесте возачи на Мерцедес, Ферари и Ред бул. Тој го имаше најдобриот успех на претпоследната трка во 2019 во Бразил кога првпат во кариерата беше на подиумот со трето место.
„Јас сум сигурен во моите способности. Лани направив голем чекор напред и способен сум да направам добри работи во Мекларен, Ферари или Мерцедес“, изјави неодамна Саинс.
Фетел, пак, од друга страна речиси сигурно ќе заврши во Мекларен, каде што повторно ќе работи со новиот шеф на тимот Андреа Зајдл, со кого беше во БМВ на почетокот на кариерата.