Додека во Англија и посебно во Италија уште се дискутира за тоа како да се осигура безбедноста на фудбалерите и во исто време да се рестартира фудбалот, во Германија тоа се случува веќе овој викенд по двомесечна пауза, и генералниот менаџер на Борусија Дортмунд, Карстен Крамер вели дека и позитивен случај на некој фудбалер не би бил „катастрофа“.
Три фудбалери на Келн беа позитивни на корона вирусот пред две недели, додека второлигашот Динамо Дрезден го прати целиот тим во карантин по два позитивни теста, но Крамер, пред мечот Дортмунд-Шалке вели дека одлуката за рестарт е потребна за клубовите да преживеат.
„Во моментот кога ќе кажат: ’Дортмунд, имате премногу позитивни тестови’ ќе донесеме одлука. Но, сега сите сме негативни. Позитивен тест нема да биде катастрофа додека се почитуваат правилата и препораките. Ние сме презадоволни што можеме да рестартираме, бидејќи без тоа целата Бундеслига ќе има големи проблеми“, вели Крамер во интервју за „Би-би-си“.
Тој додава дека полицијата ќе биде присутна околу сите стадиони за да нема собирање на навивачите, нешто што е посебна грижа во Англија.
„Никогаш не преферираме да играме без навивачи, но во ваква криза, без алтернатива, дури и меч без публика е подобар од никаков меч. Нема да има проблем со навивачите, бидејќи во Германија уште е забрането да се собираат во групи од повеќе од тројца“, додава Крамер.