Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) оддржа консултитативен состанок со претставниците на 10-те прволигаши за продолжување на сезоната во услови на пандемија на корона вирус.
Претставниците на Вардар, Силекс, Шкендија, Ренова, Македонија Ѓ.П., Шкупи, Академија Пандев, Работнички, Борец и Струга Трим Љум беа присутни на состанокот со претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, потпретседателот Лазар Ракиџиев, генералниот секретар Филип Поповски, заменик генералниот секретар, Дрилон Ганиу и претседателот на натпреварувачката комисија, Игор Франговски.
Состанокот имаше консултативен карактер во однос на начинот и предлозите за завршување на прекинатата натпреварувачка 2019/2020 сезона од Прва МФЛ.
Конечна одлука за натпреварувачката сезона, ФФМ заедно со клубовите ќе донесе на нов состанок во најскоро можно време откако ќе ги добие препораките и мерките од протоколот за одржување тренинзи и одигрување натпревари од координативниот кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Корона вирус CoVid-19.
На денешната средба претставниците на прволигашите се согласија дека поради органичената временска рамка нема услови да се одиграат сите преостанати натпревари до крајот од тековната сезона (13. натпреварувачки кола и ½ финале и финале од Купот на Македонија). По добивањето на протоколот за заштита од Корона вирус CoVid-19, федерацијата и клубовите ќе излезат со заеднички став околу евентуалното продолжување на првенството во скратен формат или целосен прекин на натпреварувачката сезона 2019/2020.
Фудбалската федерација на Македонија, веќе е во процес на изготвување на протокол за одржување на тренинзи и одигрување на натпревари во услови на Корона вирус CoVid-19 и истиот ќе го презентира пред надлежните здравствени институции.
Фото: ФФМ