Италијанската влада, конечно, даде зелено светло за стартување на групни тренинзи на клубовите во Серија А, постигнувајќи договор за модифицираниот медицински протокол, јавуваат италијанските медиуми.
Повеќе извори од Италија тврдат дека ЦТС, владиниот научен комитет за борба со корона вирусот го одобри предложениот протокол од Лега Серија А, асоцијацијата на фудбалски лекари и асоцијацијата на фудбалери.
Со овие правила, тимовите нема да стартуваат со превентивен тренинг во изолација од 15 дена, нешто што за неколку клубови од лигата беше невозможно да се организира, и наместо тоа ќе се зголеми бројот на тестирања.
Според „Ла република“, ќе има два теста со стапче во првите 24 часа и потоа по еден тест секој четврти ден, и тест на крв секои 14 дена.
Претходните верзии на предлозите на лигата беа одбивани и владата инсистираше на 15-дневен карантин во случај на позитивен тест, а сега, ако фудбалерот кој ќе биде позитивен ќе биде во карантин, додека другите ќе бидат тестирани, слично како што се изведува во Бундеслига.