Претседателот на Германската фудбалска федерација (ДФБ), Фриц Келер вели дека зборувал со претседателот на Баерн Минхен, Карл-Хајнц Румениге за предлог до УЕФА за воведување на „селери кап“ во европскиот фудбал.
Келер вели дека во моментов има „апсурдни плати и суми за трансфери“ меѓу врвните европски клубови и наскоро заедно со првите луѓе на Баерн ќе поднесат предлог до претседателот на УЕФА, Александер Чеферин за ограничување на трошоците кои еден клуб може да ги направи.
„Има апсурдни плати и пари за трансфери кои веќе не се остварливи. Мораме да зборуваме за ограничувања и се согласуваме со Карл-Хајнц Румениге во оваа точка“, вели Келер.
Румениге во текот на викендот изјави дека поранешниот претседател на УЕФА, Мишел Платини ја имал истата идеја пред неколку години, со што би се копирал системот кој се користи во НБА лигата и другите американски професионални спротови, но дека тоа би ги прекршувало законите за конкуренција на Европската Унија.
„Резултатот од тие преговори мора да биде правило кое се придржува до европските закони и во исто време ќе важи во Велика Британија. Професионалниот фудбал мора да се врати поблиску до обичните луѓе. Сегашната криза со корона вирусот ги покажа проблемите кои ги имавме а беа фрлени во сенка поради рекордните трансфери“, додава Келер.
Светскиот рекорд за трансфер останува 222 милиони евра, кои Пари Сен-Жермен ги потроши за да го донесе Нејмар од Барселона, но во догледно време овој рекорд сигурно ќе остане, бидејќи многумина се сомневаат дали наскоро ќе има и трансфери од над 100 милиони евра.