Заврши состанокот помеѓу претставниците на Евролигата и капитените на тимовите учесници и повозрасните играчи.
Грчката „СДНА“ која секогаш има веродостојни информации од кошаркарскиот свет пренесе дека мнозинството било против да продолжи сезоната во Евролигата. Главни причини за ваквото мислење биле стравот од коронавирусот и можноста за честото повредување на играчите.
Играчите објасниле дека се два месеци во карантин и дека не се доволно подготвени за жестокиот ритам на натпревари, односно дека во оваа ситуација здравјето им е најважно.
Во целата конверзација учествувале 36 кошаркари.
Конечната одлука околу тоа дали сезоната ќе продолжи или не ќе биде донесена в понеделник, кога Евролигата ќе одржи состанок со 11 претседатели на клубовите кои имаат А-лиценца.