Клубовите од Серија А, конечно, ја остварија својата цел откако италијанската влада се согласи да го смени протоколот за мечеви во обновената сезона со тоа што само фудбалерот кој би бил позитивен на КОВИД-19 би заминал во карантин наместо цел тим како што се предвидуваше досега.
Италијанската новинска агенција АНСА потврди дека жалбата на Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) до техничката научна комисија на италијанската влада е усвоена, со што се отстранува една од големите пречки за рестартирањето на сезоната и се усвојува системот кој се користи во Германија, Шпанија и Англија.
Италијанскиот протокол предвидуваше со само еден позитивен тест на корона вирус (на фудбалерите или на другите членови на тимот), целиот тим би бил во карантин во тренинг-кампот 14 дена, со што постоеше реална опасност сезоната да се сопре по еден позитивен тест.
Сепак, намалениот број на новозаразени во Италија дозволи опуштање на мерките од страна на италијанската влада. Серија А стартува од следната недела, откако вечерва и утре ќе се доиграат полуфиналните дуели од Копа Италија.