Белгискиот дефанзивец на Тотенхем, Тоби Алдервајрелд признава дека е почестен со петицијата на жителите на неговиот роден град Екерен да ја заменат статуата на поранешниот крал на Белгија, Леополд Втори со негов лик, но не верува дека тоа ќе се оствари.
Леополд Втори, кој беше крал на Белгија од 1885 до 1908 година, е мета на протестантите при анти-расистичките протести во оваа земја, поради ѕверствата кои беа направени во поранешната колонија Конго.
Околу 1.000 луѓе поднесоа петиција за да се постави статуа на 31-годишниот дефанзивец, но Алдервајрелд вели дека тоа не е сериозно.
„Мислам дека е шега, но луѓето навистина ја потпишуваат петицијата. Сепак, морам да кажам дека малку сум почестен. Се работи за мал град во Белгија и до мојата 15-т година одев во школо таму и секогаш се враќам. Ако сакаат да го направат тоа нема да се противам, но нема да ја потпишам сопствената петиција. Мислам дека од тие потпишаните, едно 80 отсто ми се познаници. Не верувам дека ќе заслужам статуа“, вели Алдервајрелд во интервју за „Гардијан“.
Тој не сакаше да влегува во дискусија дали треба да се отстрануваат историските споменици.
„Не знам дали е добро да е симне статуа и нема да се вклучувам во тоа, но добро е да се погледне кон историјата и да се научи нешто. Истото е со историјата и Светските војни. Секако, ми се гади од расистичките работи и никогаш нема да го разберам тоа, но да се тргнат сите статуи?“, вели Алдервајрелд.