Во јубилејниот 200. натпревар за Зинедин Зидан како тренер на Реал Мадрид, неговиот тим стигна до рутинска 3:1 победа над Еибар по која тренерот секако може да биде задоволен во продолжувањето на „ловот“ на Барселона, која бега два поени на врвот на Ла лига.
По повеќе од три месеци, без публика, и на заменскиот стадион „Алфредо ди Стефано“, на „кралевите“ не им беше потребно долго време да се разиграат.
Тони Крос уште во четвртата минута со фантастичен гол од работ на шестнаесетникот најави дека ќе се оди на победа, пред во 30-тата минута Еден Азар да му направи одлична асистенција на капитенот Серхио Рамос за 2:0, пред Белгиецот да ја покаже добрата форма откако учествуваше во акцијата по која Марсело во 37. минута зголеми на 3:0.
Во второто полувреме, Педро Бихас во 60. минута намали на 3:1 по една помалку смешна интервенција на Тибо Куртоа, кој дотогаш немаше многу работа.
Со победата, Реал остануваат на второто место во Ла лига со 59 поени, два помалку од Барса, но дури девет пред Севилја, додека Еибар се на 16. место со 27 поени, само два поени над зоната за испаѓање.