Советникот на Ред бул, Хелмут Марко и шесткратниот светски шампион Луис Хамилтон влегоа во неверојатна преписка на Интернет по наводните „лажни“ изјави кои ги пренесе „РТЛ Дојчланд“.
Според овие извори, Австриецот Марко изјавил дека додека некои возачи се презафатени со тоа чии животи вредат повеќе, Макс Ферстапен е фокусиран само на тркањето. Ова било кажано за ангажираноста на Хамилтон со движењето „Black Lives Matter“, по што Хамилтон реагираше со пост на Интернет.
„Хелмут, ме растажува тоа што сметаш дека борбата за еднаков третман на црните луѓе е пречка. Навистина сум навреден. За мене беше пречка кога фановите се појавуваа со црна боја на лицето да ме провоцираат мене. Се надевам дека по ова ќе им стане јасно на малкуте луѓе со различна боја на кожата во вашиот тим. Разбудете се. Овој спорт мора да се промени“, напиша Хамилтон.
Меѓутоа, тука работите добија чуден пресврт. Ред бул официјално изјавија дека Марко не кажал такво нешто во текот на интервјуто, по што РТЛ ги избриша вестите, а подоцна и Хамилтон го избриша својот одговор.