„Скај спорт Италија“ тврди дека германскиот тренер Ралф Рангник се согласил да биде новиот „менаџер“ на Милан, преземајќи целосна контрола на тимот, со што ќе биде и тренер и спортски директор, практички исфрлувајќи ја легендата Паоло Малдини од тимот.
Претходно истите информации ги објавија и „Тутоспорт“ и „Спорт медијасет“, а сега „Скај“ додава дека Рангник се сретнал со директорот на Милан, Иван Газидис во Австрија последните неколку денови и конечно „паднал“ договор.
Рангник сакал да ја допрецизира својата улога во тимот, бидејќи беше и тренер и директор во РБ Лајпциг пред да стане главен за стратегијата и развојот на тимот на Ред бул. Италијанските медиуми тврдат дека е договорена улога на „англиски менаџер“ со што ќе биде одговорен за тимот, но и за засилувањата кои ќе ги носат „росонерите“.
Ова значи дека сегашните директори на тимот Малдини и Фредерик Масара најверојатно ќе останат без работа, откако претходно во знак на протест си замина и Звонимир Бобан.