Неколку дена откако имаше вербален напад на голманот на Манчестер јунајтед, Давид де Хеа, Рој Кин открива дека смета дека бил „премногу добар со луѓето“ додека бил капитен на „ѓаволите“.
Кин секогаш го следеше репутација на човек со кого нема зезање и кој бара максимум од тие кои се негови соиграчи, но Ирецот смета дека тој бил сосема спротивен од јавното мислење и дека жали што не одел поостро во одредени ситуации.
„Понекогаш бев премногу строг. Но, понекогаш бев премногу мек. Ако гледам критички на мојата кариера и на тоа како се однесував со луѓето, дури и кога бев менаџер, би кажал дека бев премногу добар со луѓето, иако многумина нема да веруваат. Луѓето ми забодуваа нож директно во срце, не во грб и тоа бидејќи бев премногу добар со нив“, вели Кин во интервју за ирскиот „Сандеј индепендент“.
Кариерата на Кин во Јунајтед заврши откако во интервју на телевизијата на клубот во ноември 2005 влезе во остри критики на своите соиграчи, а клубот го цензурираше неговото интервју.