Едни од фаворитите за титулата во Серија А, Лацио ќе имаат „патување во непознатото“ продолжувајќи ја сезоната со тешко гостување кај Аталанта во Бергамо, признава тренерот Симоне Инзаги.
Лацио имаат четири поени зад Јувентус со натпревар помалку, а имаа низа од 21 меч без пораз пред прекинот на сезоната поради корона вирусот во март, и Инзаги вели дека не знае како ќе реагираат по долгата пауза.
„Имавме голема самодоверба во тимот, но потоа моравме да паузираме долго време. Ова ќе биде многу необичен крај на шампионатот и никој не знае што не чека. Ова е нешто ново и мораме да бидеме целосно подготвени. Ќе има проблеми за сите тимови, но мораме да одиме храбро“, вели Инзаги.
Дуелот ќе биде пресметка на двата тима со најмногу постигнати голови – Аталанта имаат 74 гола во 26 меча, а Лацио 60. 44-годишниот Инзаги, кој се обидува да ја донесе првата титула за римскиот клуб по 20 години признава дека фудбалот досега бил во втор план.
„Беше многу тешко за сите. Сите Италијанци страдаа. Моите родители се во Пјаченца, еден од најпогодените градови и нормално се плашевме. Имаше поважни работи од фудбалот“, вели Инзаги.