Top Sport

За Томиќ веќе нема место во австралискиот Дејвис куп тим

Бернард Томиќ најверојатно нема да игра за Австралија никогаш повеќе, вели капитенот на австралискиот Дејвис куп тим, Лејтон Хјуит.

Томиќ, чија кариера налета на лоша форма, но и на многу контроверзи надвор од теренот, не успеа да се квалификува за Австралија опен овој месец, но изјави дека Австралија не може да го освои Дејвис купот без него, иако е само 168. на АТП листата.

Хјуит не е импресиониран од однесувањето на 25-годишниот Австралиец со хрватско потекло.

„Тој си копа дупка самиот себеси, но на крајот може да не излезе од неа. Тешко дека ќе се врати во тимот. Тој направи големи грешки и патот ќе биде долг. Најлошо е што не го трошеше само своето време, туку и тоа на другите луѓе околу него. Беспредметно е да зборуваме ако тој не е посветен на спортот. Тој не би ни помогнал сега“, беше строгата изјава на Хјуит, кој ги избра Ник Кирјос, Алекс де Минаур, Џордан Томпсон, Џон Пирс и Џон Милман за дуелот од првото коло со Германија во Бризбејн.

По поразот во последното коло на квалификациите во Мелбурн овој месец, Томиќ изјави дека ќе оди дома да „ги брои милионите“.

КОНТРОВЕРЗИТЕ НА ТОМИЌ

2009 – Томиќ, тогаш само 354. на светот, одби да тренира со Хјуит – неговиот агент изјави дека Хјуит „не е доволно добар“.

2012 – Томиќ доби три казни за пребрзо возење во Голд Коуст.

2012 – Беше исфрлен од Дејвис куп тимот поради „недоволна подготвеност“.

2013 – Таткото на Томиќ, Џон, доби суспензија од 12 месеци поради удар со глава на тренинг-партнерот на неговиот син, Томас Друе.

2013 – Повторно добива казна за сообраќаен прекршок, губејќи ја возачката дозвола.

2015 – Како светски број 25, тој беше уапсен во Мајами по лудории на ноќна забава.

2016 – При поразот во првото коло на САД опен, Томиќ влезе во дуел со еден гледач, добивајќи казна.

2017 – По поразот во првото коло на Вимблдон, Томиќ изјави дека му „било досадно“. По ова тој доби нова казна, а спонзорот на рекети, „Хед“ му го прекина договорот.

Scroll to Top