Поранешниот шведски тенисер, Робин Содерлинг открива дека страдал од напади на паника кои предизвикале предвремена пензија и објаснува дека дури размислувал за самоубиство.
35-годишниот Содерлинг стигна до четвртото место на АТП листата во својата кариера и останува познат како првиот тенисер кој го победил Рафаел Надал на Ролан Гарос во полуфиналето во 2009 година. Тој официјално се повлече на 31 година поради мононуклеозата, но сега открива дека имал и ментални проблеми.
„Имав постојана анксиозност, нешто ме јадеше одвнатре. Седев во мојот стан и гледав во ѕид и најмалата бучава ми предизвикуваше паника. Кога ќе заѕвонеше телефонот бев надвор од умот. Тенисот не помогна, посебно по големите очекувања. Имаше само тројца тенисери од кои ми беше дозволено да загубам, другите морав да ги победам за да не се чувствувам како лузер“, вели Содерлинг.
Последниот меч на Содерлинг во кариерата беше на домашниот Шведски опен во 2011, кога во финалето го победи Давид Ферер со 6:2/6:2. Кратко по победата, тој се вратил во домот во Монте Карло, каде што ситуацијата му се влошила.
„Бев во паника, само плачев. Првпат почнав да размислувам за самоубиство. Мислев дека сè е подобро од овој живот во пеколот. Спортистите ретко зборуваат за психичките проблеми кои ги имаат и затоа сакам да зборувам. Сакам луѓето да спортуваат поради тоа што го сакаат, а не поради тоа што чувствуваат притисок“, вели Содерлинг, кој во моментов е капитен на шведскиот Дејвис куп тим.