Шампионот во Премиерлигата, екипата на Ливерпул триумфираше на гостувањето кај Брајтон во рамки на 34 лигашко коло. Крајниот резултат е 1-3.
Мечот почна еуфорично за „црвените“. Во 6 минута по едно невнимание на одбраната на Барјтон, Салах најдобро се снајде во противничкиот шеснаесетник и прецизно биеше за 0-1. Само 2 минути подоцна, слична ситуација.
Домашните дефанзивци без идеја топката ја однесоа само до средината, се створи прилика за Ливерпул, а капитенот Хендерсон со одличен удар од дваесетина метри донесе водство за својот тим од 0-2.
Единствено што домаќините успеаја да направат во првите 45 минути е намалување на водството на 1-2. Тросард во 45 минута прецизно биеше за својот тим да го остави во игра.
Во вториот дел, сличен развој на настаните. Поседот на топката беше кај „црвените“, упатија неколку директни удари кон противничниот гол. Еден од нив заврши на вистинското место. Во 76 минута Хендерсон изведе корнер, а Салах со глава на првата статива носи водство од 1-3. Се испостави дека тоа е конечниот резултат на мечот без посебно значење за двете екипи.
Ливерпул веќе го испи шампионското шампањско, додека Брајтон по денешниот неуспех останува 15-ти со 36 бода.