Top Sport

Реал пак е на +4 со гол од сомнителен пенал и ВАР асистенција за двоен офсајд

Лидерот во шпанската Ла лига, мадридски Реал без многу мака, рутински дојде до трите бода на мечот против Алавес во рамки на 35-тото коло.

На стадионот „Алфредо ди Стефано“ во Мадрид, Реал со 2-0 славеше против Алавес и повторно се одлепи на 4 бода од второпласираната Барселона, на врвот на табелата во Ла лига, а преостануваат 3 кола до крајот на сезоната.

Критичарите на пулените на Зинедин Зидан, а посебно заговорниците дека ВАР му помага на мадридскиот клуб да стигне до титулата вечерва повторно ќе имаат за што да коментираат.

Реал дојде во водство во 11 минута. Стрелец од белата точка беше Бензема, во отсуство на суспендираниот Рамос кој е непогрешлив од ударите од 11 метри.

Сепак во најмала рака дискутабилно е дали имаше пенал. Менди при еден продор од левата страна падна во противничкиот шеснаесетник, но останува дилемата дали Наваро стартуваше над него или, пак, актерските способности на Менди дојдоа до израз.

Тоа беше резултатот по првиот дел, во кој поседот на топката беше 76% наспроти 24% во полза на домашната екипа.

Во вториот дел Бензема успешно избегна офсајд замка (милиметри беа во прашање), па асистираше до Асенсио за 2-0 во 50 минута. Додека играчите на Реал славеа, судијата Манзано го консултираше ВАР и потоа покажа на центарот на теренот. Во двете ситуации очигледно немаше офсајд.

До крајот на мечот немаше промена на семафорот, па Реал дојде чекор поблиску до новата титула.

Алавес, пак, е на 3 бода над зоната за испаѓање, го очекува грчевита борба за опстанок.

Scroll to Top