По состанокот на советот на членовите на Барселона во саботата, претседателот на каталонскиот тим, Жозеп Марија Бартомеу јасно посочи дека неговиот тим има план да остане да игра во Ла лига и покрај комплексната политичка ситуација.
„Клубот ги осудува апсењата во септември и го цени потегот како антидемократски. На 1 октомври решивме да играме без публика поради ситуацијата. Никој не може да се сомнева на посветеноста на Барса кон каталонското општество. Ќе побараме дијалог и почит, ’Камп Ноу’ секогаш ќе биде место за слобода на изразување, но нема да дозволиме да бидеме искористени“, објасни Бартомеу.
Тој посочи дека Барселона во основа во прв план е фудбалски клуб.
„Нема да ризикуваме со нашето учество во натпреварувањата. Затоа ќе продолжиме да играме во лигата и ќе ги развиваме односите со сите шпански клубови“, додаде Бартомеу.