Возачот на Мерцедес Луис Хамилтон вчера на патеката Силверстон испиша нови страници во историјата на Формула 1. Хамилтон на трката за Големата награда на Велика Британија победи на „три тркала“ откако во последниот круг му експлодираше левата предна гума.
Хамилтон со седмата победа во Силверстон стана рекордер по бројот на победите на домашно гран-при. Тој го мина Алан Прост, кој во кариерата шест пати победил на Големата награда на Франција.
Покрај тоа Хамилтон го надмина и рекордот на според многумина најдобриот возач на сите времиња Аиртон Сена. Актуелниот светски првак ја забележа 20 победа во која водел од почетокот до крајот.
Пред Хамилтон сега стојат уште два рекорди кои се во сопственост на Михаел Шумахер, има четири победи помалку од Германецот (87/91) и еден пласман на победничкиот пиедестал помалку (154/155).
Хамилтон со победата во Силверстон ја продолжи доминацијата на Мерцедес од почетокот на сезоната. Германскиот тим победи на сите трки што се одржаа, на првата триумф запиша Валтери Ботас, а потоа Хамилтон врза три победи.