На помалку од 48 часа до реванш осминафиналниот меч од Лигата на шампиони меѓу Барселона и Наполи што ќе се одигра на „Ноу Камп“, фудбалерите на италијанската екипа се пред два големи предизвици. Да го задржат феноменалниот Лео Меси и да постигнат најмалку еден гол во Каталонија затоа што првиот меч одигран во Неапол заврши нерешено 1-1.
Дефанзивецот Костас Манолас, кој има мала повреда (во составот неизвесен поради истата причина е и Инсиње) смета дека екипата од југот на Италија има сила да го запре Меси, но ако исклучително одигра тимски.
Манолас за „La Repubblica„ раскажа како додека настапуваше за Рома на дуелот со Барселона добил мотивација од екс-капитенот на „волчицата“, Франческо Тоти.
„Тоти ме охрабри, ми рече повторно да го направам она што го сторив пред 2 години. Меси единствено може да го задржите како екипаа. По мое мислење тој е најдобриот во светот, неговиот квалитет и интелегенција се неверојатни“ вели грчкиот интернационалец.
Транерот на Наполи, Џенаро Гатузо пред мечот со петкратниот европски шампион има мака со повредите на играчите, но Манолас смета дека притисокот е на страна на шпанскиот тим.
„Притисокот е на нивна страна. Се надевам дека Инсиње ќе биде подготвен за мечот. Јас сум добро, болката во ребрата ми престана“ рече Манолас.
Дуелот Барселона – Наполи се игра в сабота, од 21 часот.