Top Sport

Луд финиш на „Луж“, за 120 секунди ПСЖ ја „скрши“ Аталанта и е во полуфинале

Нејмар очаен, Мбапе недолечен, Навас се повреди – Аталанта беше со една нога во полуфиналето на Лигата на шампионите.

Аталанта – ПСЖ 1-0 по 89 минути на „Луж“ во Лисабон. Доказ дека парите не поминуваат доколку не се склопени сите коцки, ќе речат многумина.

Единствениот гол на мечот до таа 89 минута го постигна Пашалиќ, во 27 минута.

Италијанската екипа играше борбено, пожртвувано, голманот (резервниот) Спортиело одличен, смирен, сконцентриран.

Играчите на Аталанта своите противници ги чуваа на половина метар.

На спротивната страна хаос. Нејмар промаши шутеви што претходно лесно би ги реализирал.

Мбапе влезе на средината на вториот дел, но се гледаше дека е недоволно подготвен. Икарди речиси невидлив. Херојот од првиот дел, голманот Навас се повреди, го замени Серхио Рико.

ПСЖ имаше повеќе од играта, создаваше и шанси, имаше повеќе директни удари кон голот на тимот од Бергамо. И тогаш кога сите ја видоа Аталанта во полуфинале – шок.

За 120 секунди ПСЖ со два гола оди меѓу четирите најдобри екипи во ЛШ. Овој меч многу наликуваше на епското финале меѓу Баерн и Јунајтед од 1999 година.

Во 90 минута по асистенција на Нејмар, Маркињос од непосредна близина носи 1-1. На Тухел му олесна. Но играчите на францускиот шампион не сакаа да играат продолженија.

За неколку секунди подоцна, асистира Мбапе, овојпат Чупо-Мотинг гаѓа прецизно за 2-1 за „Светците“. На клупата за резерви скокаат од радост.

ПСЖ е во полуфинале, а таму ќе игра против подобриот од утрешниот двобој Атлетико Мадрид – Лајпциг.
Погледнете:

Scroll to Top