Top Sport

Абрамович на јахта го убедувал Модриќ да потпише за Челси

Лука Модриќ во својата нова автобиографија открива дека имал преговори со газдата на Челси, Роман Абрамович за трансфер кај „сините“ во 2011 година, кои се одвивале на неговата јахта покрај Азурниот брег во Франција, нешто што го импресионирало Хрватот.

Модриќ му „фатил око“ на Абрамович со настапите за Тотенхем, и рускиот милијардер бил подготвен да даде многу пари за Хрватот.

„Тоа беше многу возбудливо. Околу 20-тина луѓе кои беа дел од обезбедувањето не сретнаа на бродот. Организацијата беше совршена – само што почнавме да се опуштаме во луксузот, се појави Абрамович. Тој ми остави впечаток на релаксирана личност, но и помалку мистериозна. Веднаш ми кажа: ’Знаеме дека си квалитетен фудбалер, и би сакал да потпишеш за Челси’. Јас во тоа време мислев дека е време за преселба и за освојување трофеи, а тоа немаше да се случи со Тотенхем. Знаев дека преговорите нема да бидат лесни. Потоа пристигнав во Лондо пред стартот на сезоната и зборував со претсдателот Леви. Немаше навреди како што пишуваа медиумите, но не беше пријатно. Тој ме искара зошто јавно кажувам дека сакам да заминам и повтори дека нема да прифати било каква цена“, пишува Модриќ во автобиографијата.

Тотенхем на крајот во 2012 година го „пратија“ Модриќ во Реал Мадрид.

„Не знаев кога Леви ќе се согласи да ме продаде, но знаев дека ми е потребен поголем предизвик. По четири прекрасни години, јас и мојата сопруга Вања сакавме поинаков живот“, додава Модриќ.

Scroll to Top