Новата сезона од Бундеслигата ќе се игра без гледачи на стадионите барем до крајот на октомври, одлучи германската влада.
Новата германска сезона ќе стартува на 11 септември со првото коло од ДФБ купот, а следниот викенд стартува и Бундеслигата. И покрај плановите на клубовите да се дозволи ограничен број на гледачи на стадионите, по состанокот на канцеларката Ангела Меркел и премиерите на германските федерални држави, се реши да се направат планови за враќање на ограничен број на гледачи на крајот на октомври.
Премиерот на Баварија, Маркус Зодер изјави дека нема смисла да се дозволат гледачите да присуствуваат на фудбалските мечеви во септември бидејќи тоа ќе прати погрешна порака до јавноста.
Бундеслигата беше прва голема европска лига која се врати од корона вирусот во мај. Во Франција на пример, каде што започна новата сезона од Лига 1, се дозволени до 5.000 гледчаи на стадион, а слични планови постојат и во Италија. Суперкупот на УЕФА, во кој Баерн Минхен играат со Севилја ќе се игра на „Пушкаш“ стадионот во Будимпешта на 24 септември, каде што ќе биде дозволено 30 отсто пополнување на трибините, а двата клуба ќе добијат по 3.000 билети.