Легендата на Баерн Минхен, Лотар Матеус вели дека Пеп Гвардиола само реди неуспеси по заминувањето од Барселона и дека е вистински егоцентрик.
Гвардиола ја доби работата во Барселона во 2008 година и неговата „тики-така“ фудбалска филозофија стана рецепт за успех, откако освои 14 големи трофеи во четири години, вклучувајќи три од Ла лига и две од Лигата на шампионите. 49-годишниот Каталонец, потоа презеде нов предизвик во Баерн Минхен во 2013 по една година пауза и освои три титули од Бундеслигата, но не стигна до трофејот од ЛШ.
Истиот проблем го следеше и со Сити по преселбата во 2016, откако по двете титули од Премиер лигата не успеа да го мине четврт-финалето на ЛШ, префрлајќи ја неговата 4-3-3 формација на 3-4-3 против Лион во четврт-финалето и Лион победи со 3:1. Матеус вели дека ова ја покажува арогантноста на Пеп.
„Со Пеп Гвардиола имам чувство дека секогаш сака да направи нешто посебно на големите мечеви. Барселона имаше ДНК, систем кој го постави и затоа беше успешен. Со Баерн и со Сити, тој само менуваше работи и постојано редеше неуспеси. Сакаше да покаже дека може да и подобар. Би му кажал: ’Пеп ти си голем тренер, но чувај си го системот’. Би го опишал како егоцентрик. Да, тоа е строг збор, но си го заслужи. Во Баерн, едно време дури и Роберт Левандовски играше лево крило. Секако, не функционираше“, вели Матеус во интервју за „Спорт билд“.