Top Sport

Пред СЕХА финалето, Алушовски признава дека Вардар не е фаворит, но…

Вардар уште еднаш ќе се бори за трофејот од СЕХА лигата денеска, во големото финале против Веспрем по драматичната петочна победа над ППД Загреб, и во мечот не влегува како фаворит  против унгарскиот тим кој оди на трета титула од регионалното натпреварување.

Двата тима веќе двапати се сретнаа во финалињата на СЕХА – во 2016 во Вараждин, Веспрем победи со 28:26, а следната година Вардар се реваншираше со убедлива 26:21 победа во Брест, Белорусија.

„Веспрем, без сомнеж, се големи фаворити во овој меч, но ќе направиме сè да се подготвиме најдобро. Не излегуваме на терен со бело знаме, туку одиме на победа. Мислам дека не чека многу тежок меч“, изјави тренерот Стевче Алушовски.

Ловро Јотиќ, човекот кој во петокот го постигна голот за израмнување во финишот на мечот со ППД Загреб пред победата на пенали, вели дека тимот знае каде треба да се посвети најголемо внимание.

„Мислам дека одбраната ќе биде клучна во финалето. Одбраната и голманите. Знаеме сè за Веспрем и нема изненадувања, така што ќе решаваат нијансите“, вели Јотиќ.

СЕХА ФИНАЛЕ

Вардар – Веспрем 20.30 ч.

СЕХА МЕЧ ЗА ТРЕТО МЕСТО

ППД Загреб – Мешков Брест 18.00 ч.

Фото: СЕХА лига

Scroll to Top