Белгискиот ас Кевин де Брујне е првиот фудбалер на Манчестер сити во историјата, кој ја освоил наградата за најдобар фудбалер во Англија од страна на Професионалната асоцијација на фудбалери (ПФА) од воведувањето на наградата во 1974 година.
Де Брујне го победи минатогодишниот победник Виргил ван Дајк, Трент Александер-Арнолд, Садио Мане, Џордан Хендерсон и Рахим Стерлинг во изборот.
„Ова е огромна чест за мене. Да те изгласаат твоите колеги, натпреварувачи од други тимови е навистина неверојатно. Уште почудно е што сум првиот фудбалер од Сити, поради тоа што тука играа толку многу неверојатни фудбалери“, вели Де Брујне.
Белгиецот ја заврши сезоната 2019/20, не најдобра за Сити, со 13 гола, 20 асистенции и 136 креирани шанси.
Дефанзивецот на Ливерпул, Трент Александер-Арнолд беше изгласан за најдобар млад фудбалер, додека напаѓачот на Манчестер јунајтед, Маркус Рашфорд доби посебна награда за неговата борба против сиромаштијата на децата. Бет Ингланд, фудбалерката на Челси, е најдобра кај дамите откако со „сините“ ја освои Супер лигата и Лига купот.
Во тимот на сезоната се: Ник Поуп (Барнли), Трент Александер-Арнолд (Ливерпул), Виргил ван Дајк (Ливерпул), Чаглар Сојунчу (Лестер), Ендру Робертсон (Ливерпул), Давид Силва (Манчестер сити), Џордан Хендерсон (Ливерпул), Кевин де Брујне (Манчестер сити), Џејми Варди (Лестер), Пјер-Емерик Обамејанг (Арсенал) и Садио Мане (Ливерпул).